МРТ најавува враќање на земјата на Евровизија во 2027 година, со поинаков пристап кон изборот на песна и очекувана поддршка од Европскиот радиодифузен сојуз.
Директорот на Македонската радио-телевизија, Зоран Ристоски, на јавна седница на Програмскиот совет на МРТ соопштил дека по средбите со претставници на Европскиот радиодифузен сојуз може со сигурност да се каже дека Македонија ќе испрати свој претставник на Евровизија во 2027 година. Ристоски беше избран за генерален директор на МРТ во април 2026 година, а неговото назначување беше објавено и од Европскиот радиодифузен сојуз.
Според најавите, МРТ очекува поддршка од ЕБУ за промоција на македонските културни вредности, но и поповолен пакет што би го олеснил враќањето на земјата на натпреварот. Претходно, и евровизиски медиуми објавија дека во рамки на разговорите со ЕБУ била изразена поддршка за враќање на Македонија на Евровизија во 2027 година.
Ристоски најавил и дека завршува времето на нетранспарентен избор на македонските претставници. Како пример за нов пристап бил посочен јавниот оглас за избор на композиција за Јуниорски Евросонг 2026, што треба да биде сигнал дека изборот за големата Евровизија ќе оди по поотворена и појасна процедура.
Македонија последен пат настапи на Евровизија во 2022 година, кога земјата ја претставуваше Андреа Коевска со песната „Circles“. Најдобриот пласман досега го оствари Тамара Тодевска со „Proud“, која во 2019 година заврши на седмото место во финалето.
Враќањето во 2027 година ќе биде повеќе од музички камбек. За Македонија, Евровизија повторно може да стане сцена за видливост, културна промоција и нов обид домашната музика да се врати пред европската публика. Прашањето сега е кој ќе ја понесе таа задача и дали МРТ навистина ќе испорача избор што ќе биде транспарентен, современ и достоен за големата сцена.
Извор: trn.mk


