Додека сите ги напуштаа трибините по тензичното реми против Холандија, јапонските навивачи останаа да го соберат ѓубрето, а снимките од нивната акција за чистење ги преплавија социјалните мрежи.
Репрезентациите на Јапонија и Холандија одиграа возбудлив натпревар во Далас како дел од Светското првенство во фудбал, кое заврши со поделба на бодовите (2:2), но главната приказна на денот се случи на трибините по последниот свиреж на судијата.
Снимките од навивачите како одат меѓу седиштата со големи кеси и собираат шишиња и обвивки од храна брзо го преплавија интернетот.

Во видеото што ФИФА го сподели на официјалниот профил на мрежата X, еден навивач од Јапонија објасни зошто го прават тоа и рече: „Тоа е наша култура, но во исто време е знак на почит кон сè. Почит кон играчите, навивачите, но и кон стадионот. Ни е чест што сме тука и не сакаме да оставиме хаос зад себе.“
Сцени како оваа не се нови кога станува збор за јапонските навивачи, бидејќи тие и претходно споделија слични лекции за однесување.
Оваа практика е длабоко вкоренета во јапонската филозофија и изразот „вратете го местото во состојбата во која сте го нашле“.
„Јапонските спортски навивачи на светските настани кои го чистат стадионот се однесуваат на истиот начин како што научиле да уживаат во спортот како ученици“, објасни Коичи Накано, професор по политика и историја на престижниот универзитет „Софија“ во Токио, за „Асошиејтед прес“.
Во Јапонија, оваа навика не се смета за исклучителен чин, туку за основна општествена одговорност на која децата систематски се учат уште од основно училиште, кога се должни да ја одржуваат чистотата на своите училници и училишни дворови.
Извор: kurir.mk

