Без разлика дали сте на одмор или се излежувате дома, нормално е да почувствувате потреба за попладневна дремка во топлите денови.
Но, како можете да препознаете дали поспаноста се должи на умор или топлотна исцрпеност? Докторите го имаат одговорот.
Што е топлотна исцрпеност?
„Подолгото изложување на топлина може да предизвика исцрпеност. Тоа е одговор на телото на прекумерна загуба на вода и сол. Симптомите може да се карактеризираат со обилно потење, забрзано дишење, главоболка, висока температура, гадење, брз и слаб пулс, зашеметеност, чувство на замор и топлина, грчеви“, вели д-р Прети Даниел.
Постарите лица, доенчињата, децата и оние со хронични заболувања имаат многу поголема веројатност да развијат топлотна исцрпеност. Иако оваа состојба не е опасна по живот, топлотната исцрпеност е предупредувачки знак дека треба веднаш да се оладите за да спречите прогресија до топлотен удар.
„Отстранете ја целата непотребна облека, легнете и подигнете ги стапалата над нивото на срцето и пијте многу вода“, советува д-р Лук Паулс.
Ако не почнете да се ладите по 30 минути, побарајте лекарска помош бидејќи може да имате топлотен удар.
Која е разликата помеѓу топлинска исцрпеност и умор?
Топлотната исцрпеност е директен резултат на премногу време поминато на сонце и често ја зголемува телесната температура над 38 Целзиусови степени, што не е случај со уморот, кој може да биде предизвикан од фактори на животниот стил како што се нарушувања на спиењето, алкохол и лоша исхрана.
„Доколку имате недостаток на енергија или болки, сфатете го тоа како умор. Но, ако имате некој од горенаведените симптоми, тоа може да биде топлотна исцрпеност“, додаде д-р Даниел.
Што е топлотен удар?
„Топлотен удар е резултат на прегревање. Нашата внатрешна температура се зголемува и создава конфузија, поспаност и може да доведе до напади“, објаснува д-р Даниел.
За разлика од топлотната исцрпеност, оваа состојба е многу посериозна и може да предизвика конфузија, делириум, напади и губење на свеста.
Затоа топлотниот удар треба да се третира како итен случај, додека во случај на топлотна исцрпеност лицето треба да се излади.
Извор: kajgana.com


