in ,

Денес готвиме: Брз ручек од печена брокула со сирење и павлака

Ако немате многу време за подготовка на оброк по работа, а сакате да направите нешто вкусно и заситувачко, печените брокули со кашкавал и кисела павлака се одличен избор.

Ова едноставно јадење бара малку состојки и нема сложени чекори; комбинацијата од кремаст сос, растопен кашкавал и печени брокули го прави одлична опција за лесен оброк или како прилог кон месо.

Состојки:

1 кг брокули
400 г кисела павлака
2 јајца
150 г рендан кашкавал (Гауда, Едамер или Чедар)
1 чешне лук
1 лажица путер
½ лажичка сол
Малку бибер
Прстофат морско оревче
2 лажици лебни трошки

Подготовка:

Измијте ги брокулите, искинете ги на помали цветови и отстранете ги потврдите делови од дршките. Ставете поголемо тенџере со посолена вода да зоврие, а потоа додајте ги брокулите. Гответе ги четири до пет минути – само додека малку омекнат, но сепак ја задржат својата цврстина.

Потоа, исцедете ги брокулите и кратко исплакнете ги со ладна вода за да го запрете процесот на готвење. Оставете ги неколку минути добро да се исцедат.

Подготовка на кремастиот сос

Во длабок сад, изматете ги киселата павлака и јајцата. Додајте го ситно исечканиот или испасиран лук, солта, биберот и прстофат морско оревче. Сè добро измешајте додека состојките не се соединат. Одвојте околу една третина од ренданиот кашкавал за подоцна, а остатокот додајте го во смесата од павлака и јајца.

Загрејте ја рерната на 200°C. Намастете сад за печење со путер и во него наредете ги исцедените брокули. Прелијте ги со подготвената смеса и нежно промешајте за кремастиот сос рамномерно да ги обложи сите парчиња.

Одозгора посипете го преостанатиот рендан кашкавал; за дополнителна крцкавост, можете да додадете и две лажици лебни трошки.

Ставете го садот во загреаната рерна и печете 25 до 30 минути, односно додека кашкавалот не се растопи, а површината не добие убава златно-кафеава боја. Ако сакате покорава површина, можете да го вклучите горниот грејач во последните неколку минути од печењето – само внимавајте да не изгори сирењето.

Откако јадењето ќе биде готово, извадете го од рерната и оставете го да отстои околу пет минути, за сосот малку да се стегне. Пријатно!

извор:попара.мк
фото:Gemini(AI)

Written by pljupce

Роден сум 1982 година во Велес. На интернет сум активен од 2007 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Осум од 10 жени се плашат од реакцијата на нивните пријатели кога ќе почнат да зборуваат за секс