Многубројни истражувања во повеќе наврати покажаа дека децата во земји како Данска, Холандија и Шведска се најсреќните деца во светот, а во чекор ги следат и нивните мајки – и тие се сметаат за најсреќни мајки. Покрај овој епитет ги краси и оној дека се најопуштените мајки на светот. Ова особено се однесува на Холанѓанките, па не е ни чудо што за нивните мајчински методи и навики постои и книга „Stuff Dutch Moms Like“.
„Сè уште не сум забележала дека Холанѓанките го креваат гласот на своите деца. Тоа што се опуштени не значи дека не се вклучени или дека се отсутни. Тие уживаат да бидат во близина на своите деца, ги слушаат нивните мислења и им даваат конструктивни насоки“, е впечатокот на Михаила Гринер, австралиска новинарка која со години живее во Холандија.
Горенаведената книга ги обработува токму животните навики, ставови и обичаи кои ги направиле Холанѓанките задоволни, опуштени мајки, а ви пренесуваме некои од највпечатливите.
Холандските мајки работат помалку
Многу мајки во Холандија работат со скратено работно време – официјалната статистика вели дека секоја трета Холанѓанка престанува да работи или работи помалку по раѓањето на своето прво дете. Само 12 отсто од жените со деца помлади од 18 години работат со полно работно време (односно, повеќе од 35 часа неделно). Многу работодавци овозможуваат скратено работно време, а во одредени случаи на работодавачите им е дури забрането да одбијат барање за молба за помал број работни часови. Ова им овозможува на жените во Холандија да не мора да избираат помеѓу тоа да бидат „мајка која работи“ или „мајка која останува дома“.
Холандските мајки се држат до својот распоред
Холанѓанките многу се грижат за рутината. Ако погледнете на која било улица по 18 часот, нема да видите ниту едно дете како си игра. Ова е периодот кога децата се веќе нахранети, избањати и практично во кревет. Повеќето родители во Холандија имаат одредена дневна и ноќна рутина што резултира со одморени, среќни и здрави деца.
Холандските мајки имаат голема поддршка од семејството
Холанѓанките имаат едно тајно оружје – своите партнери! Имено, холандските татковци се многу ангажирани и вклучени во одгледувањето и воспитувањето на детето. Повеќе од една третина од мажите во Холандија избираат да работат помалку и да имаат скратена работна недела за да успеат да останат посветени на семејството. Исто така, важноста на помошта од бабите и дедовците во Холандија не е занемарлива – тие се активни учесници во одгледувањето и воспитувањето на детето и се сметаат за едни од најактивните и најгржливите во Европа. Повеќе од 60 отсто од холандските баби и дедовци имаат барем некаков облик на грижа за своите внуци.
Холандските мајки имаат врвна постнатална нега
Постнаталната нега е супериорна од која било друга земја во светот. По породувањето, жените имаат право на 8 дена домашна нега од страна на високо обучена медицинска сестра. Таа е тука за да им помогне да се грижат за своето бебе, но им помага и при перењето алишта, готвењето, средувањето на домот и дава практична поддршка и совети.
Холандските мајки им дозволуваат на своите деца да бидат деца
Верувањето во слобода и независност е основен принцип на холандското родителство. Тие дури имаат и една поговорка дека одгледувањето и воспитувањето на детето значи да се остави да си оди. На холандските деца им се дава простор и време да го негуваат својот „независен живот“. Исто така, Холанѓанките се чувствуваат помалку виновни од другите мајки и ова е здрав став кој им помага да имаат избалансиран пристап кон мајчинството.
Холандските мајки не се врзуваат за неуспесите или успесите на своите деца
Холанѓаните имаат неверојатна способност да ги одвојат талентите на своите деца (или недостатокот на истите) од своите. Нивните деца не се одраз на самите нив, туку се суштества со индивидуални карактери, сили и вештини. Тоа е освежувачка перспектива која ја отстранува конкуренцијата од општеството.
Холандските мајки спијат подобро од вас
Не е фер, но вистина е! Холандските мајки главно се секогаш наспиени затоа што и нивните деца спијат подобро.
Извор: duma.mk