Јосип Броз Тито – Рани години


Јосип Броз е роден во Кумровец, северозападна Хрватска, во регионот Загорје, што тогаш бил дел од Австроунгарија[2]. Тој е седмото дете на Фрањо и Марија Броз (моминско име Јавершек).

Во 1907, преселувајќи се од руралната средина, Броз почнува да работи како ученик на клучар во Сисак. Таму станува свесен за работничкото движење и за првпат го прославува 1 мај — Денот на трудот. Во 1910 се придружува на синдикатот на металуршките работници и станува член на Социјалдемократската партија на Хрватска и Славонија. Помеѓу 1911 и 1913, Броз работи на пократки периоди во Камник, Словенија; Ценково, ЧешкаМинхен и МанхајмГерманија, каде што работи за автомобилската фабрика Бенц; потоа оди во ВиенаАвстрија каде што работи во Дајмлер како тест возач.

Од есента 1913, Броз служи во австроунгарската армија; во мај 1914 добива сребрен медал за натпревар во мечување во Будимпешта. На почетокот на Првата светска војна е испратен на српскиот фронт. Уапсен е за антивоена пропаганда и затворен во Петроварданската тврдина. Во 1915 неговиот баталјон е испратен на Источниот фронт во Галиција да се бори против Русија. Во Буковина е сериозно ранет. Во април целиот негов баталјон паѓа во руско заробеништво[3].

По неколку месеци поминати во болница, во есента 1916 Броз е испратен да работи во камп во планините Урал. Ослободен е во текот на Февруарската револуција. Во април 1917 е уапсен за организирање демонстрации за воените заробеници, но набрзо успева да избега. Го прифаќа ленинизмот и учествува во болшевичките демонстрации во Санкт Петербург на 16-17 јули 1917. Потоа се обидува да избега во Финска, но е уапсен и затворен во Петропавловската тврдина на три недели, по што е испратен во Сибир. Повторно успева да побегне и во ноември во Омск им се приклучува на црвеногардејците. Во пролетта 1918 станува член на југословенската секција на Руската Комунистичка Партија.

Во септември 1920 се враќа во Југославија и станува член на наскоро забранетата Комунистичка партија на Југославија. Станува активист во синдикалното движење. Во мај 1927 година е избран за секретар на Обласниот одбор на Сојузот на металците, а во јули истата година за организациски секретар на Градскиот комитет на КПЈ за Загреб. Во август 1928 година е уапсен и во ноември е осуден на 5 години робија. По излегувањето од затвор, во јули 1934 заминува за Виена, каде што станува член на Централниот Комитет на Партијата. Оттогаш почнува да го користи прекарот „Тито“. Кон крајот на 1936 се враќа во Југославија за да управува со делувањето на партијата во земјата.

Во 1937 Сталин ја апси речиси целата дотогашна раководна гарнитура на КПЈ на чело со секретарот Милан Горкиќ и го поставува Тито на чело на партијата. Во овој период Тито верно ја следи политиката на Коминтерната и целосно застанува на страната на Сталин во неговата борба против неговите соперници во Советската комунистичка партија. И во Југославија доследно ја спроведува линијата на борба со сите оние членови на КПЈ што се критички настроени кон курсот на Сталин.

Во последните години на виделина излегува фактот дека Тито е поставен за генерален секретар на КПЈ во јануари 1939, иако во целокупната југословенска литература околу историјата на КПЈ стои годината 1937. Овој „фалсификат“, како што самиот Тито вели во неговиот разговор со Јосип Копинич, а како што е забележено во „Титовата последна исповед“ од Вјенцислав Ценчиќ, е направен со цел „да не се остави Партијата три години без генерален секретар“, а е направен и делумно против Титовата волја. Во овој период Тито е организационен секретар на Партијата, а воедно и највисоко во нејзината хиерархија, бидејќи последниот генерален секретар – Горкиќ е уапсен и сменет, а на негово место не е поставен нов.

Previous Јосип Броз-Тито
Next Јосип Броз - Детството и младоста