Огромна дупка со дијаметар од околу 60 метри се појави во полето во близина на градот Санта Марија Закатепек во сојузната држава Пуебла, Мексико.
Таа се заканува дека ќе проголта блиската куќа.
Гувернерот на Пуебла, Мигел Барбоса Хуерта, на прес-конференција рече дека дупката се појави за прв пат денес и е длабока 20 метри.
Тој потврди дека семејството што живее во куќата покрај дупката е евакуирано и дека досега никој не е повреден, но исто така го предупреди локалното население да не се приближува до бездната, пренесува Си-Ен-Ен.
Дијаметарот на дупката првично беше пет метри, а само неколку часа подоцна тој значително се зголеми, рече Беатрис Манрике, министер за заштита на животната средина на државата Пуебла.
Таа го изрази своето верување дека појавата на дупката се должи на земјоделството и испумпувањето на изворите на вода.
Група експерти од повеќе државни институции ќе го испитаат овој феномен во следните 30 дена.
Извор: vocentar.com