Дефиницијата за среќа што ни е наметната однадвор не е вистинска среќа, среќата е во нас самите – во сопственото внатрешно чувство


Секогаш треба да му веруваме на сопственото внатрешно чувство – на сопствената интуиција во врска со тоа каде треба да ја бараме и пронаоѓаме среќата – која е како шумска јаготка и најчесто се наоѓа на многу необични места.

Среќата е чувство на обземеност со нешто што е надвор од границите на нашето суштество, кое ни овозможува да ги ослободиме нашите духовни потенцијали и да ги надминеме бариерите во кои нè затвора сопственото его како во мрачна ќелија. Во таа смисла среќата е состојба на духот кога сме успеале да достигнеме хармонија со себеси и со светот околу себе – потпирајќи се врз сопствените сили и користејќи го својот креативен потенцијал. Заради тоа би можело да се каже дека концепцијата за среќата што доаѓа однадвор најчесто не е вистинска среќа. Среќата се наоѓа во нас самите – во длабочините на нашата душа и таа се создава со творечката активност на духот од богатството на нашите внатрешни светови. Затоа среќата секогаш треба да ја бараме најмногу во себеси и да му веруваме на сопственото внатрешно чувство.

Вистинската среќа не можеме никогаш да ја пронајдеме во менливите, минливите и краткотрајни животни задоволства и наслади. Ако тоа го правиме постојано, тогаш ние ќе влеземе во стапицата или маѓепсаниот круг на вулгарниот хедонизам, а тоа значи дека само за кратко ќе бидеме задоволни и ќе уживаме како „свињи кои слатко се најале со помија“, но никогаш нема да бидеме вистински среќни и исполнети со духовно задоволство, радост и душевен мир. Изворот на среќата се духовните (трајните) вредности, кои ни овозможуваат бестрашно да трагаме по сопствената среќа и неа да ја создаваме врз темелите на љубовта кон себеси и грижата за себе – врз темелите на сопствениот духовен развој.

Духовни вредности се љубовта, искреноста, храброста, упорноста, разумноста, посветеноста, образованоста, ведрината и душевното спокојство. Сите овие вредности можеме да ги пронајдеме во длабочината на нашите души, но, треба само силно да посакаме и да се нурнеме во бунарот на нашите желби и визии – сништа, па на тој начин да почнеме смело да ги ослободуваме внатрешните духовни потенцијали од оковите на општествената свест.

Ваквата состојба на свеста кога ние сме успеале да го разбудиме духот од мрачниот сон на илузијата на општествената свест и да го наслушнеме сопствениот внатрешен глас – се нарекува среќа.

Извор: srekja.mk

Previous СРЕЌЕН НЕДЕЛЕН ХОРОСКОП ОД 26 АПРИЛ ДО 3 МАЈ 2021 ГОДИНА
Next РЕЦЕПТ: Виенска штрудла со јаболка и сладолед од ванила

No Comment

Leave a reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *