Дали емотиконите ги заменија чувствата, а аватарите ги заменија луѓето? Дали лајковите ги заменија комплиментите, а видеоповиците ги заменија прошетките? Дали излегуваме во природа за да ја слушаме тишината или за да направиме најнов апдејт на социјалните медиуми?
Социјалните медиуми се една супер, позитивна работа кога се користат за промовирање на сопствените идеи, дружење со луѓе кои се далеку од нас и генерално за полесна комуникација. Тие се супер, позитивна работа, но многу лесно може да станат целосна спротивност на тоа.
Стара приказна е дека социјалните медиуми станаа место кое веќе не е толку позитивно или безопасно како што можеби беше почетокот, кога на Twitter бевме досетливи, на Facebook забавни, а на Instagram талентирани. Никој не сака доброволно да биде дел од нешто што им носи повеќе штета отколку корист, но исто така е многу тешко да се контролираме себе си.
Социјалните медиуми се така дизајнирани да го задржат нашето внимание што е можно подолго, да нѐ натераат да потрошиме што повеќе време на апликацијата, а со тоа да видиме повеќе реклами. Со тешко срце го пуштаме телефонот од раце, а си го испуштаме од раце менталното здравје.
Секако, од нас – корисниците – зависи како ќе ги користиме социјалните мрежи, дали тоа ќе биде извор на некои позитивни емоции или место за дружење со негативните. Сепак, дури и да е тоа најпозитивната работа на светот, сепак станува збор за социјални медиуми. Никој не сака да поминува премногу време во онлајн светот, а сепак сме привлечени кон туѓите животи и нивната совршеност, иако и самите знаеме дека се далеку од такви.
Следиме познати и непознати, блиски и далечни, славни и анонимуси, знаеме како изгледа дневната соба на секоја втора инфлуенсерка, а не сме ѕирнале во новата кујна на најдобрата пријателка, бидејќи или нема Instagram или нема око за да направи доволно привлечна фотографија за да го намами нашето одлично извежбано око.
Лепиме лајк по лајк на објави на луѓе кои малку ги познаваме, потајно посакувајќи ги нивните завеси, мафини, хеланки, вилата во Маврово, виното покрај камин, убедени дека тоа е само естетски восхит, а всушност се токсични лајкови со кои полека, полека си го обезвреднуваме нашиот живот, нашите достигнувања и избори, си ги поткопуваме сопствените напори. И можеби целосно се препознавате во напишаново, а можеби се тешите дека не сте стасани дотаму, но сепак ги преиспитавте барем денешните невини и наивни лајкови.
Колку и да сум поборник за држење чекор со светот, морам да се прашам дали можеби социјалните медиуми не ме враќаат чекори наназад во поглед на вистинските потреби, па и вредности.
Дали емотиконите ги заменија чувствата, а аватарите ги заменија луѓето? Дали лајковите ги заменија комплиментите, а видеоповиците ги заменија прошетките? Дали излегуваме во природа за да ја слушаме тишината или за да направиме најнов апдејт на социјалните медиуми?
Ве повикувам да си ги поставите истите прашања што си ги поставив сама: Што сакате да правите во слободно време? Кои се вашите страсти и интереси? За што навистина сакате да дознаете повеќе? Дали добивате нови информации на оваа тема со скролање низ социјалните медиуми? И можеби најважното прашање: дали самите социјални медиуми станале токсична средина или бирате да се опкружите со токсични содржини?
Исто како што престанав да пушам цигари пред шест месеци, се убедувам дека е време нагло да ги пресечам папочните врвци со социјалните медиуми и да го видам, слушнам и помирисам светот одново. Сакам да знам дека не сум си го изгубила залудно ова скапоцено време што го имам на располагање, особено по годината што ја преживеавме.
Извор: kajgana.com