Пандемијата ги промени нашите животи во целост. Многу индустрии настојуваат да пронајдат решение за „новиот нормален живот“ откако ќе заврши оваа криза. Една од нив е и авионската индустрија која бара креативни решенија за новиот изглед во внатрешноста на авионите.
Италијанска компанија понуди решенија кои би требало да го спречат ширењето на вирусот.
My Modern Met пишува дека авиоиндустријата е една од најпогодените поради корона-кризата и досега бележи огромни загуби. Авионскиот сообраќај е намален за 95 проценти.
Додека другите чекаат олеснување на мерките и отварање на границите, италијанската компанија Avio Interiors која се занимава со уредување на внатрешноста на авионите понуди неколку идеи за новата поставеност на седиштата откако ќе заврши пандемијата.

Нивниот прв концепт се нарекува Janus и предвидува да има по 3 седишта од секоја страна, но средното седиште да биде свртено во спротивна насока и да биде оградено од сите страни со пластичен материјал. Овој концепт е добар, но ќе предизвикува дополнителни трошоци бидејќи ќе треба да се направи промена на седиштата.
Тие понудија и концепт под назив Glasssafe за кој нема потреба да се прави промена на седиштата, туку само нивно надоградување. Значи, предложуваат да се постават стакла помеѓу седиштата.

На прв поглед ова решение се чини како евтино и идеално, но авиокомпаниите ќе имаат проблеми бидејќи тогаш ќе треба да се посвети повеќе време на чистење и дезинфекција во авионот.
Засега нема официјални најави кога ќе се нормализира одвивањето на авиосообраќајот.
Извор: kajgana.com