Стартува покачената минимална плата, ќе предизвика ли пораст и на другите плати?


Скопје, 1 декември 2019 (МИА) – Ниту еден вработен во државава од овој месец нема да добива плата помала од 14.500 денари. Висината на минималната плата по неколкумесечно преговарање беше усогласена преку социјален дијалог со сите социјални партнери, во договор и со синдикатите и работодавачите. Од Владата очекуваат со ова да се зголеми стандардот на работниците, но и да се поттикне натамошно зголемување на платите, кои претходно биле исти или повисоки од сегашната минимална плата. Работодавачите, иако дел сметаат дека ќе им претставува дополнителен товар, се свесни дека пораст на платите мора да има со цел да се задржат работниците.

За зголемување на платата се очекува работодавачите да ги искористат и владините мерки за субвенционирање на придонесите за покачување на платите од 600 до 6.000 денари. Со мерката за субвенционирање на придонесите поради покачување на платите се очекува од 20 до 25 проценти од вработените во приватниот сектор да добијат поголеми плати. За оваа мерка во Буџетот за наредната година се планирани 2 милијарди и 400 милиони денари.

Сепак, по донесувањето на законското решение за минималната плата остануваат дилемите дали навистина ќе се поттикне натамошно зголемување на платите, дали работодавачите ќе имаат реална можност тоа да го направат и дали ова решение ќе значи намалување на исплатата на плата во плик, начин на кој работодавачите се обидуваа да го избегнат плаќањето давачки кон државата за повисоки плати.

Истражување на Finance think: Во мај 2017 година, 69 отсто од примателите на минимална плата добиле и плата во плик

Од Институтот за економско истражување и политики Finance Think сметаат дека нивото на минимална плата кое е конзистентно со тековната продуктивност во економијата се движи до 13.500 денари и оти до ваков наод дошле при изработката на студија за политиките од 2018 година „Анализа на ефектите од измените во Законот за минимална плата“, во која е извршена квантитативна симулација, како и квалитативна проценка врз основа на длабински интервјуа со засегнати работодавачи.

Предложеното зголемување на минималната плата на 14.500 денари, сметаат, може да претставува значаен товар за работодавецот кај 2/3 од примателите на минимална плата, додека кај 1/3 ќе помогне за формализација на платата во плик.

Сепак, додаваат од Институтот, порастот на минималната плата не треба да се гледа изолирано од другите потези на носителите на политиките. Поконкретно, Предлог-законот за субвенционирање на платите предвидува ослободување од придонеси за делот од порастот на нето-платите од 600 до 6.000 денари. Со овој Предлог-закон, во одреден дел, се таргетира сузбивањето на „платата во плик“.

Според податоците за платата во плик, во мај 2017 година, 69 отсто од примателите на минимална плата добиле и плата во плик. Но, значаен дел од платата во плик се претворил во плата на сметка со претходното зголемување на минималната плата од септември 2017 (од 10.080 денари, односно 9.590 денари во секторите кожа, обувки и облека, на унифицирано ниво од 12.000 денари). Со овој потег, уделот на приматели кои примаат минимална плата и кои истовремено добиле плата во плик се преполовил на 33,6 отсто.

Оттука, за 66,4 отсто од примателите на минимална плата кои во 2019 година не добиле и плата во плик, предложеното зголемување може да биде неодржливо за работодавецот за износот кој го надминува продуктивното ниво проценето на 13.500 денари.

Од друга страна, за примателите на минимална плата кои истовремено добиле и плата во плик, следните се износите на плата во плик што ги добиле:

Со оглед дека само 15 отсто од примателите на минималната плата добиле износ во плик кој е помал од предложеното зголемување на минималната плата (помал од 2.000 денари), тековното предложено зголемување нема да претставува товар за работодавците кои исплаќале и плата во плик и ќе претставува ефикасен механизам за формализирање на „платата во плик“.

Finance think препорачува предлогот за зголемување на минималната плата да се одмери уште еднаш наспроти овие податоци за состојбите во економијата. Фокусирање врз продуктивноста на нископлатените работници и ефикасноста и технолошкиот напредок во компаниите што исплаќаат ниски плати е најсигурниот пат за раст на економијата и платите.

ММФ: Да се зачува конкурентноста преку тесно усогласување на минималната плата со продуктивноста

ММФ, пак, оценува дека минималната нето-плата кумулативно ќе се зголеми за 45 отсто сметано од 2017 година и оти таа ќе порасне до над 50 отсто од просечната што, како што посочува, е високо според регионалните стандарди. Повисока минимална плата може да помогне во намалувањето на сиромаштијата кај вработените, но оти застапеноста на сиромаштија е многу поголема кај оние кои се невработени.

Поради тоа, Мисијата на ММФ во земјава смета дека зголемувањето на минималната плата можеби нема да биде ефективно во намалување на сиромаштијата, особено доколку тоа дејствува кон намалување на формалното вработување. Мисијата на ММФ попрачува да се зачува конкурентноста преку тесно усогласување на минималната плата со продуктивноста, притоа обезбедувајќи целосно спроведување.

Зголемувањето на минималната плата, според работодавачите, пак, не ја исклучува можноста помалите текстилни компании да не можат да го издржат притисокот и да бидат затворени. Најголем притисок од порастот на минималната плата, сметаат тие, ќе имаат трудоинтензивните дејности. Но сепак се свесни, дека пораст на патите мора да има, за да се задржат работниците.

Ублажување на товарот, велат, е можно со поволностите од законот за субвенционирање на придонесите поради пораст на платите.

– Тој важи за сите. Ќе го користат трудоинтензивните дејности за исплата на минималната плата, но, и компании за покачување на плата на своите вработени не само заради законот, туку заради задржување на младите. Македонија се наоѓа во состојба во која од една страна имаме стопанство со структура каква што е со традиционални вредности и ниска додадена вредност, а од друга страна млади кои не прифаќаат да работат за ниски плати. Затоа, мора да се обезбедат услови нашето стопанство полека да го менуваме, да имаме компании кои ќе даваат повисоки плати. Така ќе ги задржиме младите тука. Се разбира тоа не може да се направи преку ноќ, но и не треба да се чека со скрстени раце, вели Ангел Димитров од Организација на работодавачи.

Во врска со тоа дали може да се очекува манипулации на исплата на зголемената минимална плата, тој рече дека може да се очекува се, но начинот на кој треба се се справи државата со тоа се морковот и стапот.

– Морков или субвенции за оние кои ќе сакаат чесно да работат, а контроли и казни за тие кои бараат враќање пари назад на рака, рече Димитров. Таквите работодавачи, потенцира, го рушат угледот на сите работодавачи и затоа треба да бидат санкционирани.

За Владата со оваа мерка се заштитуваат најзагрозените категории на вработени 

Кого го најавија покажувањето на минималната плата од Владата посочија дека со тоа се заштитуваат најзагрозените категории на вработени кои немаат алтернатива во делот на мобилноста поради својата возраст или други причини. Со минималната плата не правиме притисок врз компаниите, рекоа од Владата, напротив, се обидуваме да им помогнеме со две мерки – субвенционирање на придонесите и со Законот за финансиска поддршка,

Во 2017 година минималната плата беше зголемена за 3.500 денари и досега изнесуваше 12.507 денари, со последното законско решение таа се зголеми на дополнителни 2.000 денари и изнесува 14.500 денари. Со законот што се усвои во 2017 година првпат се изедначи минималната плата и за работниците од текстилната и кожарската индустрија со другите гранки.

Од Владата се надеваат дека зголемувањето на минималната плата ќе предизвика и спирално покачување на останатите плати во државата и е оптимист дека до крајот на мандатот ќе го исполнат ветеното за минимална плата од 16.000 денари и просечна плата од 30.000 денари.

Минималната плата е загарантирана како 14.500 денари и таа стартува од денеска. Мерката за субвенционирање на платите се однесува на покачување од минимум 600 до максиум 6.000 денари и државата го покрива придонесот за покачувањето. Ако покачат 2.000 денари во ноември со исплата во декември, тогаш тие ја покачиле минималната плата и ќе ги искористат субвенциите за покачување на платата. Мерките, велат од Владата, се комплементарни една на друга, но тоа, посочуваат, не значи дека сите ќе ја покачат минималната плата користејќи субвенција. Досега 90 илјади граѓани примаа минимална плата од 12.500 денари.

Извор: kajgana.com

ВМЕТНИ РЕАКЦИЈА
Like
Love
Haha
Wow
Sad
Angry
loading...
Previous 10 НЕВЕРОЈАТНИ HD СЛИКИ ШТО ЌЕ ВИ ГИ ИСПОЛНАТ ВАШИТЕ ОЧИ – ВТОР ДЕЛ
Next Вељко Ражнатовиќ откри на колку години ја изгубил невиноста: „Беше трауматично“ (видео)

No Comment

Leave a reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *